септември 18, 2026

12-ТИ СЕПТЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА ПРВАТА ПОМОШ

По повод 12-ти Септември 2026 година – Светскиот ден на првата помош, Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Кавадарци организираше едукативен настан со показна вежба, под мотото „Прва помош и миграции“. На градскиот плоштад во Кавадарци, екипи по прва помош од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“, СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и СОЗШУ „Ѓорче Петров“ преку практични показни вежби презентираа постапки за укажување прва помош при состојби и повреди со кои може да се соочи секој човек, како што се хипотермија, исекотини, повреди, трауматски повреди, смрзнатини, срцево-белодробно оживување, како и обезбедување психолошка поддршка. Од страна на стручно лице беше измерен и крвен притисок.

На настанот присуствуваа градоначалникот г-дин Митко Јанчев,претставници на ООЦК Кавадарци граѓани, ментори и професори од училиштата, со што уште еднаш беше истакнато значењето на знаењето и вештините за прва помош, како и важноста од навремена и правилна реакција во ситуации кога секоја секунда е важна. Во рамките на настанот беа поделени и флаери и едукативни материјали за прва помош, со цел подигнување на свеста кај граѓаните за важноста на првата помош и нејзината улога во спасувањето човечки животи. Да знаеме да помогнеме. Да бидеме подготвени. Да спасиме живот! Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Кавадарци изразува голема благодарност до градоначалникот господин Митко Јанчев,до сите училишта за беспрекорната подршка за овој како и за сите други настани. Исто така голема благодарност и до медиумите кои овозможуваат секој настан да стигне до секој граѓанин.

< врати се назад