Одбележување на 1 Октомври – Меѓународен ден на старите лица

По повод одбележувањето на 1 Октомври – Меѓународниот ден на старите лица, Црвен крст Општинска Организација Кавадарци во соработка со Здружение на пензионери организираше едукативно-информативна активност со пензионерите.
Во рамките на активноста, присутните беа информирани за социјалната услуга “Помош и нега во домот”, нејзината намена и можностите за користење од страна на старите и изнемоштени лица. На присутните им беа поделени информативни флаери со податоци за услугата, потребните документи за користење на истата.
Со цел да се поттикне грижата за здравјето на старите лица, на присутните им беше овозможено и мерење на крвен притисок.
Како мал знак на внимание и поддршка, на присутните им беа поделени и пакетчиња чај, наменети за пријатните и студени есенски утра.
Активноста помина во пријатна атмосфера, со активно учество и интерес од страна на пензионерите, а истата имаше за цел да придонесе кон информирање, превенција, здравствена грижа и промовирање на достапните услуги за поддршка на старите лица во заедницата.









































































